Фармацевтската индустрија е неизоставен столб на современото здравство – но нејзиниот еколошки отпечаток е сè повеќе под лупа. Од масовна употреба на растворувачи и енергија до загадување на водите и генерирање на опасен отпад, производството на лекови остава значителни последици врз животната средина.
Како одговор на ова, сè поголем број фармацевтски компании ја прифаќаат т.н. зелена фармација – концепт кој претставува иновативен, етички и еколошки пристап во синтезата на лекови и управување со хемиски процеси.

Што претставува зелена фармација?
Терминот зелена фармација или зелена хемија првпат е дефиниран во 1990-тите од страна на Paul Anastas и John Warner. Тој опфаќа 12 основни принципи, меѓу кои:
- Намалување и спречување на отпад уште при самиот дизајн на процесите,
- Употреба на побезбедни растворувачи и реакции при амбиентални услови,
- Зголемена енергетска ефикасност,
- Катализа наместо стехиометриски реагенси,
- Хемиски дизајн кој овозможува биоразградливост и неперзистентност во животната средина.
Овие принципи претставуваат суштинска трансформација во однос на традиционалната хемија, која често го ставаше приоритетот врз брзина и ефикасност по цена на еколошка одржливост.

Зошто е важна зелена фармација во фарма индрустријата денес?
Регулативите и јавните очекувања сè повеќе ја туркаат индустријата кон одговорно производство. Европската агенција за лекови (EMA) воведе задолжителна еколошка проценка на ризик (ERA) за нови лекови, додека регулативата REACH го ограничува користењето на токсични супстанци.
Покрај законските обврски, зелената хемија нуди и значајни економски предности: помалку отпад, пониски трошоци за енергија, поедноставени синтетички патеки и намалена потреба од сложени прочистувачки процеси.
Во услови кога ESG (Environmental, Social, Governance) принципите стануваат централни за инвестициските одлуки, зелените практики стануваат конкурентска предност.
Примери од праксата: Како фармацевтските гиганти веќе ја применуваат
- Merck премина од полусериски процес во континуиран процес во производството на имунотерапијата Keytruda®, со што го намали отпадот, потрошувачката на вода и енергија.
- За лекот nemtabrutinib, бројот на синтетички чекори се намали од 11 на само 2, со употреба на катализатори и обновливи растворувачи.
- Pfizer ја ревидираше синтезата на sertraline (Zoloft®), зголемувајќи го приносот за 100%, елиминирајќи 2 милиони фунти опасен отпад и значајно намалувајќи ги ресурсите за производство.

Зелената фармација како иднина на фарма индустријата
Индустријата се наоѓа на клучна раскрсница, одржливоста веќе не е избор, туку неопходност. Професионалците од фарма индустријата, од R&D научници до регулаторни експерти, имаат централна улога во оваа транзиција.
Преку прифаќање на принципите на зелената фармација, фармацевтските компании можат да го намалат својот еколошки отпечаток, да ја зголемат ефикасноста и да ја зацврстат довербата кај пациентите и пошироката јавност.
📌 Прочитајте повеќе вакви содржини, или огласете производ, услуга или позиција на:
👉 www.medrep.mk – првата дигитална платформа за медицински и фармацевтски професионалци во Македонија.